КАКО ПРЕЗЕЛЕ ТУРЦИТЕ ГРАД БИТОЛА

Коа поминала турцката ордија низ Прилеп мој, никаква пушка не пукнала од прилепчаните (или од варошаните и поарно да речам, чунки стар град бил Варошот тогај, како што се раскажуат од старци). He пукнала пушка, чунки Марко Крале бил загубен од Турците коа бил на војска со Турците некаде, та бидејќи прилепчани знаеја оти Марко е загинат и немаа никаква глава да 'и води, никој не беше кренал рака на турцката војска, ами беше излегле и беше му се предале велејќим:
— Да ви се многу години, евендум, отсега царска раја ќе бидеме и остајте ни еден војвода да ни седи во градот.
(* До скоро време у нас управителот го викаа војвода.)
Ете од себеп останало у нас да му велат на Турците: „Многу ти години!", а Турците да велат: „Да си жив, синко!"  Тој адет у нас го имат веќе и у селаните и у граѓаните.
Дојдуајќим Турците во Битола, не најдоа лесна работа што ја најдоа во Прилеп, чунки во Битола имаше глава на битолцката малка војска: крал Тољо јако беше се бил со битолчани против Турците. Близу четири месеци што се биле битолчани со Турците и многу Турци беше избиле. Арно ама бидејќи битолчани биле многу малце според Турците, не можеле да 'и одмелетат и, од ден на ден, беше се намалуале војските Толеи, да најпосле беа си дале клучеите. Арно ама крал Тољо не беше се предал така лесно на Турците, чунки беше напраил еден маривет, според мариветот од Марка Кралета што беше го напраил на Маркој кули (во Варош, коа беше курдисал тапани на ветар); така и крал Тољо сопрво беше го опкоал калето околу се со штици вапсани со железна боја за да му се гледат на Турците калето железно. Беше курдисал и на ветар тапани да буаат во калето, та една ноќ беше си нашол крајот и беше се исчепил од кале, та си побегнал и го остаил Бори-калето, чунки беше се уверил оти не ќе можи да се бие со Турците и да добие, бидејќим биле многу Турците, а Тољо помош од никаде немал.
Од тоа нешто баеги време беше се бојале Турците од калето, бидејќи им се гледало железно и слушајќи тапаните да бијат внатре. Арно ама на Турците тогај не само Господ му помагал ами и мравите дури му помагале. Една стара баба беше разбрала оти крал Тољо беше го обградил калето со штици, вапсани со железна боја и тапаните на ветар му биле клаени, a тој бил избегал од калето и ошла кај Турците, та му кажала за тоа нешто. Коа чуле од бабата Турците тие зборои, ја поверуале и влегле во калето, та го презеле без да пукни пушка.
Адамче зуграот ми прикажуал само за еден опит што напраил крал Тољо со Турците за да видит какви се Турците, дали прави, дали грешни. My пуштил крал Тољо од калето неколку девојки, од најличните што биле тамо, кај војската од Турците, ѓоа да продаваат нешто тамо и да лежат вечерта при аскерот. Ошле девојките и лежале под чад'рите од турцката војска и утрото си ошле при крал Толета. Кога се научил крал Тољо оти никој војник не 'и задрел, при се што девојките се подзадевале со нив. Арно ама турцките војници око не свртуале на нив, нито прс не клале на нив, толку што биле чесни војниците. Коа беше се научил крал Тољо оти такваа била војската турцка, беше се уверил оти ќе се победит и од тоа избегал.
Откоа беше го презеле калето Турците, беа го расипале ерлен берабер; како калето, така и црквите и целио град го изурнале откоа го плениле и си го усвојале.
Сега им останало уште еден манастир да го преземат; тој манастир бил сегашната. џамија што ет во Битола кај Овчки пазар. Таа џамија била манастир со храмо свети Горѓија. Во тој манастир имало четиристотини калуѓери. Тој бил со голем и дебел ѕид заграден, цело кале било. Освен ѕидот што бил јак, имало и една честа гора, од дрвја пораснати, едно од друго како 'рж во некоја нива што е порасната, толку честа била гората, што чоек не можел колај-колај да го најди каде е манастирот. Пред манастирот течел али Драгорот, али реката што иди од с. Магарео кај Кривата Воденица. За да влегуал чоек во манастирот, имало само еден пат тесен помеѓу коријата што била околу манастирот. Откоа останал тој манастир уште да се земат од Турците, сопрво не го знаеле каде е манастирот, чунки опколисан бил од дрвјата.
Проклетата баба што кажала за калето од Тоља, пак таа го предала и големио манастир Свети Ѓорѓија за да го најдат и да го преземат. Таа му кажала оти имат голем манастир со многу калуѓери, скриен во големата корија, а за да го најдат манастирот, требало да одат по реката што течела низ коријата и откоа ќе најдат многу пајки, да одаат по нив и самите пајки ќе 'и однесат во портата од манастирот. Ја послушале Турците бабата и сториле така, та го нашле манастирот.
Откоа видоа калуѓерите оти Турците го нашле манастирот, се уверија оти ќе гинат, чунки немаа ниет да се предаваат на Турците, како што се предале некој манастири што имало малце калуѓери, затвориле портите јако и наточиле остро сабјите и ножеите, натокмиле и другото оружје и се засолнале во некоја од келиите, та се сториле ѓоа си избегале.
Откоа сториле Турците калаузламата за оти портите биле отворени од големио манастир, се зговориле петстотини души Турци и на јуруш беше му влегле во манастирот. Арно ама кауѓерите при се што биле набожни, беше му се допрело јако и беа 'и исекле сите до еден и тогај веќе ја затвориле портата. Јадење и пиење имало за многу време за кауѓерите во манастирот, арно ама коа сети главатарот од Турците оти петте стотини души што влегоа во големио манастир не се вратија назад, многу беше се налутил и прати голема сила да го нападнат манастирот и да 'и куртулисаат петте стотини души. Бидејќи манастирот бил со јако кале и честата гора што била околу манастирот била уште појака, никако не можеле да се приберат до манастирот. На тоа згора заповедал главатарот да се исечит сета гора што била околу манастирот и да се напраат на понамали, та да се преврлаат преку ѕид во дворот од манастирот дрвата. Така беа ти напраиле Турците. Полојната дрва беа 'и наредиле надвор од ѕидот, на голем куп, та беа 'и запалиле од еднио крај до другио и кога се вивнал еден силен огон, пламните биле близу до облаци. Од надворешната сила на огнот беше се запалиле и натрешните и од тој силен огон се запалиле и келиите со сиот манастир, та изгореле сосемати кауѓерите, да така беа го освоиле и тој манастир.
Откоа 'и освоиле сите манастири Турците, беа 'и израсипале сите и на секој манастир напраиле по една џамија. Сегде кај што преземале Турците градои тоа време, ретко во град расипале црква и манастир, чунки биле набожни и се боеле од светецо, арно ама во град Битола не се убојале од седумдесет и двајца светци што биле во црквите, чунки беше се налутиле многу на калуѓерите дека 'и погубиле петте стотини мина Турци што беа влегле во големио манастир, та на тој манастир (Свети Ѓорѓија) напраиле Турците џамијата, што е на Овчки пазар. Зад џамијата Свети Ѓорѓија имат едно празно место кај што има стапалки од коњо на свети Горѓија, коа дошол тогај брзо и кај што стапуал коњот, се нозете му пропаднале, на тоа место ништо не можеле Турците да напраат како здание, чунки светецо не остаал.
Кај Пекмез-пазар, Синџирли-бунар џамијата што е, напраена е на манастирот од св. Димитрија. Откоа ја напраиле Турците таа џамија, отишол свети Димитрија со коњо и му удрил една клоца со задната нога во ѕидот од џамијата за да ја турни и од ошто силно удрил коњот со ногата, му се закачила плочата во ѕидот и не ја турнал џамијата; е зер повела Божја така било што да не се расипи џамијата. Плочата и ден-денеска стоит и кој не веруа, нека одит да видит. Тоа било за да се чуди чоек, што таа плоча, кај не 'а носиле и кај не 'а врлиле, арно ама по повелата зер од свети Димитрија, пак си идела на местото! Најпосле Турците ја арнисаа, и си стоела залепена на ѕидот, на тоа место кај што ја закачил коњо од свети Димитрија.
Кај Тељаите што е џамијата наречена Исак-џамија, таа била напраена на темелите од манастирот Свети Дув.
Кај Житни пазар што е џамијата, напраена е на темелите од црквата на света Парашкева (света Петка).
Кај касапите што е џамијата, напраена е на темелите од црквата на свети Никола.
До таа црква имало во старо време источник од вода лекоита, напраен од делкани камење и на камењето имат крстои праени. На вратата имат од мермер диреци, а озгора е со свод и со врата. Секоја година се отворало тоа најазмо и кој сакал од битолчаните, одел да се измиет за здравје, а најпоеќе оделе болни и неолни да се мијат. Од некое време навамо не пуштале Турците да одат рисјани кај источникот за да се мијат болните.
Во Мечкар-маало џамијата што ет, и таа ет напраена на темелот од црквата на света Катерина, и од света Катерина иконата стојала и ден-денеска, чунки била на камена плоча зугравдисана. На таа џамија само еднаш се качуат оџа на џамија да викат, чунки другипат не остаала света Катерина да се качи оџата на минаре, чунки му се затворала вратата.
Кај Кури-чешме џамијата ет праена на темелот од црквата Света Ана.
На сите седумдесет и две цркви од расипаните манастири Турците си напраиле: џамии, теќиња и друзи турски молитвени домои.
Ете така Света Гора за Македонија што била во Битола, се препраила на турски џамии.

Преземено од:ПРЕДАНИЈА, Книга седма
Автор: Марко К. Цепенков
Редактирал д-р КИРИЛ ПЕНУШЛИСКИ
Соработник БЛАЖЕ ПЕТРОВСКИ
Издавачи МАКЕДОНСКА КНИГА ИНСТИТУТ ЗА ФОЛКЛОР
СКОПЈЕ -1980

top destinations enfoto galerija enmapa ennastani en

smestuvanje enrestorani picerii enturisticki enkako do bt en