ПРЕДАНИЕ ЗА ГРАДОТ БИТОЛА

Пред да дојдат Турците да го преземат градо Битола, тој бил напраен и тогај во синорот од селото Букоо. За оти во синорот букоски било тоа нешто, го докажуаат темелите што сет во сето поле околу Букоо. Селото Букоо ет од г. Битола кај што заоѓа сонцето, близу еден саат место.
Од селото Букоо колку пол саат имат една тумба и се вика тумбата Бори-кале, чунки на таа тумба имало во тоа време едно кале напраено од крал Тоља. На таа тумба сега има лозја. Пред годиње му се сониле на Костета мивтарот пари во лозјето што го имал тамо; копајќи, не нашол пари, ами ти нашол: камење од морето, делкани диреци и други. Нашол и еден гроб од мермер, делкан како корито и озгора со капак пак од една плоча од мермер; плочата била исписана со писма. што никој не можел да 'и отпеит.
Откоа 'и ископал Косте тие работи и не нашол пари, отишол кај грацкио реиз и му кажал за тоа нешто. Целото беледие се кренало и отишло тамо, та сите тие камење што беа за- работа ги кренало беледието во Битола. Целата Битола беше се пренесла да види тоа чудо што се нашло на Бори-кале. Гробот го однесле на една чешма кај к'шлите за наместо корито, а пак капакот го однесле кај од Абди-пашоото кафе и го клале на една чешма што има тамо. И ден-денеска стојат.
Долу под тумбата Бори-кале имало темели од црква; на тие темели напраија пред годиње една црква гркоманите. Околу црквата напраија гробој на-редени по черпија (по регула). Помеѓу тумбата Бори-кале и црквата имало едно азно, закопано од крал Тоља. Според старите како што кажуаат, кога ќе побегнал крал Тољо, и мнозина тоа азно го барале, бре и Френци копале тамо, ем со царцки ферман, арно ама никој не го нашол, ни пак ќе го најдат, чунки било заречено од крал Тоља за кој знаит кога да се најдит. По лозја, по нивје, по ливаѓе, кај да копаш, се темели ќе најдиш; сокаците кај што биле се познаваат и ден-денеска, ем баеги биле широки и прави.
Коа 'и преземале Турците нашите места, дошле и Битола да ја преземаат, при се што Битола ја преземале од две страни, една војска откај Прилеп дошла, друга откај Воден и пак лесно не можеле Битола да ја преземат, чунки крал Тољо се биел од калето, а кауѓерите што биле во седумдесет и два манастира, и тие се бранеле, тики баеги време што се мачиле дури ја презеле Битола. Крал Тољо тогај бил опколен од секаде, арно ама калето што го имал на тумбата го имал напраено со еден маривет за да мислат Турците оти е од железо, чунки беше го опкоал околу-наоколу со штици вапсани со боја, да прилега на железо, тики да му се гледа на Турците како од железо. И вистина така му се гледало и се тука се плашеле за јуруш да сторат Турците.
Баеги време се борил крал Тољо со Турците, при се што бил со мала војска. Арно ама знаел оти не ќе можит да достискат. Името на Бори-кале оттогај му останало, што ја викаат таа тумба битолчани Бори-кале. А пак името на градо Битола му е даено од крал Тоља кога видел оти ќе го ватат Турците жив, беше побегнал. (За тоа нешто го опишуам во преземањето на Битола.) Кога разбрале Битолчани оти крал Тољо избегал, тогај беше си рекле помеѓу себе:
— Би Тољо, доби Тољо!
Ете од тој збор, што го рекле тогај, му останало името на градо Битола: Битола.

Преземено од:ПРЕДАНИЈА, Книга седма
Автор: Марко К. Цепенков
Редактирал д-р КИРИЛ ПЕНУШЛИСКИ
Соработник БЛАЖЕ ПЕТРОВСКИ
Издавачи МАКЕДОНСКА КНИГА ИНСТИТУТ ЗА ФОЛКЛОР
СКОПЈЕ -1980

top destinations enfoto galerija enmapa ennastani en

smestuvanje enrestorani picerii enturisticki enkako do bt en