ЗМЕЈОТ ОД ПЛАНИНАТА ПЕЛИСТЕР

Во старо време родила една жена едно дете со крилја во Нижоополе и го дојала до четириесет дни; при се што го доеше, арно ама дека со крилца било детето, на сите жени, родои и пријателки беше му го кажала, чунки ја било шубе и се бојала да не је некој нишан да је се запусти куќата. И тамам на четириесетте' дни си летнало, коа го развила од пелените и си останала жената само со пелените, и отишло на врв планината Пелистер, та си влегло во сараите што биле под езерото и тамо си живеало кај друзите стари змејои. Многу пати го гледале овчари крај езерото коа си седело змевчето. Коа дошло змевчето на годиње да се женит, отишло во с. Оптичари (околу два саата до Битола) и си бендисало една убаа чупа, што го тргало орото, чунки Велигден било и чупите оро играле настред село и се завиле едни виулици, та ја грабнале и ја кренале угоре, во облаци, пред очите на сите селани.
Дедо Јоан од истото село, стогодишен старец, видел тоа нешто и тој му го кажуал на Слира берберо, дури со клетва оти видел.
Чупата имала деветмина браќа, сите кој од кој јунаци, тргнале да бараат од планина по планина, само да может да ја најдат милата сестра, али жива, али умрена, барем гробнина да и знаат.
Баеги време шетаа и прашаа, арно ама не могле нигде трагата да и ја најдат и дошле до езерото што било на планината Пелистер и седнале да се починат на тревата. Седејќи, се опулија оспротија на езерото и видоа една железна врата под брегот од езерото; појдоа тамо да видат што је и што не је и узнаа оти тамо треба да има нешто, арно ама ако можи чоек да лета, можел да појди кај вратата, чунки пред вратата било езерото. Мислија, есапија и дојдоа во еден збор да копаат езерото откај битолцката страна, и чунки местото је наудолно, ќе истечит езерото и ќе се приберат до вратата, та можи да влезат и да видат што има и што нема, и можи да си ја најдат тамо сестра си. Отрчал еден в село, донесол мотики и лопати и му легнаа да копаат.
Копале, копале неколку дни и почнало да течи потроа, арно ама змео 'и пожалал шуреите и целата Битола, та ја натерал сестрата да излези на железната врата, да му викни на браќа си да не го дупат езерото:
— Слушајте, браќа, немојте, не копајте го езерово, оти ќе пробие водата, та ќе ве однеси вас и целата Битола! Елате, спроти видејне — му рекла — и ич гајлето да не ми го берите; си живејам при змејо као некоја царица. Овде има едни сараи поарни од сарајо битолцки.
Коа чуја деветте браќа гласот од сестра си, многу се израдуаа оти ја видоа и на часо остаиле да не копаат и донесле од село не знам колку арари волна и со триста маки ја затнаа дупката што беа ја ископале; арно ама, при се што ја затнале дупката, пак си течело вода, од истото место и ден-денеска. Сите битолчани, граѓани и селани, веруаат оти ќе дојдело некој ден што да се пушти езерото и да го удаи и Битолцкото, градо и сите села што се во полето.

 

Преземено од:ПРЕДАНИЈА, Книга седма
Автор: Марко К. Цепенков
Редактирал д-р КИРИЛ ПЕНУШЛИСКИ
Соработник БЛАЖЕ ПЕТРОВСКИ
Издавачи МАКЕДОНСКА КНИГА ИНСТИТУТ ЗА ФОЛКЛОР
СКОПЈЕ -1980

top destinations enfoto galerija enmapa ennastani en

smestuvanje enrestorani picerii enturisticki enkako do bt en