ОРО МИ ИГРАЛЕ ТРИСТА САМОВИЛИ

Оро ми играле триста самовили

на врв планина, на рамна рудина.

Оро ми играле, мефтера немале,

мефтера дочуле дури град Битола.

„Кого да пуштиме мефтера да земит?

Ај да ја пуштиме Ѓурѓа самовила,

Гурѓа самовила на крајна девојка,

таа бргу одит и бргу доодит."

И ми ја пуштиле Гурѓа самовила,

Гурѓа самовила на крајна девојка.

Дваш ми трепнала, треќи пат летнала,

та ми е отишла дури град Битола,

таму ми го најде Дима каде ручат;

По тил го удрила, заби испаднале,

в глава го удрила, очи испаднале;

и ми го однесла на врв на планина,

на врв на планина на рамна рудина.

Тогај говореше стара самовила:

„Свири, Димо, свири, ако не натсвириш,

ќе ти даиме Гурѓа самовила,

Ѓурѓа самовила на крајна девојка."

Свирил Димо три дни и три ноќи,

три дни и три ноќи, и ми ги натсвирил.

И му ја дадоа Гурѓа самовила,

и си ја однесе Димо во град Битола,

и си ја однесе во својата куќа;

и тој си затворил баџи и мазгалки,

и си ја држа токму три години.

Таа му стигнала едно машко дете,

и ми канил кумот да го крстат дете.

И тогај му рече Гурѓа самовила:

„Отвори си, Димо, баџи и мазгалки,

сега, Димо, нигде веќе не побегвам,

зашто јас си имам тоа машко дете."

И се измами Димо, и си отвори.

Дваш ми е трепнала, треќи пат летнала ,

и си остаила тоа машко дете,

и си е отишла од каде та дошла.

 

 

Преземено од книгата: БИТОЛА БАБАМ БИТОЛА

Народни песни во кои се спомнува Битола,

собрал, предговор и речник напишал

проф. Филип Каваев

Издадена: Битола, Октомври 1969 год

top destinations enfoto galerija enmapa ennastani en

smestuvanje enrestorani picerii enturisticki enkako do bt en