КОЉЧО КАПИДАН

Попадна Кољчо Капидан
во таа града Битола,
во тие пусти апцани,
во тие тесни долапи;
Co тежок тумрук на нозе,
чифт белегзии на раце,
ситни синџири на гуша.
Одбегна Кољчо Капидан
од таа пуста апсана,
од таа града Битола.
Помина Кољчо, замина
пред таа нова сараја,
покачи горе нагоре
кон Брусничките ливаѓе;
Отаде уш' понагоре
во Лавчанската Корија.
Там' најде Турче полјаче,
на Турче што му зборува:
— Ај ти бре Турче полјаче,
јас сум ти млади кираџи,
девет си коњи загубив,
да не ги виде коњите?
— Ај ти бре Турче полјаче,
— Еј гиди кузум кираџи,
од рано овде сум дошло,
коњите не сум видело.
Говори Кољчо Капидан:
— Ај, седни, лав да сториме!
Извај кутија од појас,
завитка Кољчо цигара
и Турче зеде цигара
и седна да си говорат.
Кољчо му вели говори:
„Еј гиди Турче полјаче,
јаска се чудам со тебе,
каква е ова мартина,
дај ми ја да ја погледам,
не сум видел таква турлија!"
С излага Турче полјаче,
му ја подаде мартина.
Ја зеде Кољчо во рака,
намести фишек во неа,
тогаш ми Кољчо говори:
„Еј гиди Турче полјаче,
јаска сум Кољчо Капидан,
од апсана сум избегал,
сега ти теслим стори се,
оти ти душа извадив!"
Распаша колан фишеци,
препаша Кољчо Капидан
и на Турче му говори:
„Сега ќе одиш в Битола,
абер ќе дадеш в уќумат
на Смаил чауш битолски:
Како да чини да дојде
во Леринските планини.
Помина Кољчо, замина,
крај Буковското бачило,
Олевенските рудини
и Барешкиот манастир
во Лериксхите планини,
кај Банчовото бачило,
таму си најде дружина.
Говори Кољчо Капидан:
„Слушај бре Ванче, чобанче:
Одбери јагне сугаре,
со суво грозје полни го
и за ручек е зготвено.
Ванчо му вели, говори:
„Јагнето ти е ветено
и за ручек е зготвено;
Туку качи се на бука,
на таа бука висока,
там' има чифте дуљбија,
разгледај горе и долу
низ пусто поле Леринско
дан' иде турска потера."
Потскокнал Кољчо, подрипнал,
се качил горе на бука,
на таа бука висока,
си зеде чифте дуљбија,
разгледа горе и долу.
Ко виде Кољчо Капидан
низ пусто поле Леринско,
сето е полно потера,
Исмаил чауш најнапред,
право ми трга в гората
кај Ванчовото бачило.
Искрши чифте дуљбија
и што ми скокна од бука
и на дружина говори:
„Дружино верна, зговорна,
фаќајте тешка пусија,
достигна силна потера,
Исмаил чауш најнапред!"
Пусијата ми фатија
и потерата достигна.
Подрипна Кољчо, потскокна
од таа тешка пусија,
на Смаил чауш говори:
„Еј гиди Смаил битолски,
што силно идеш на мене,
што лошо виде од мене?"
Та што му сврти мартина,
Исмаил чауш го уби.
Згрмеа пушки аскерски,
силен се оган отвори.
Многу ми војска паднала,
последен Кољчо Капидан
со неговата дружина.
Турската војска Ванчета,
Ванчета ми го фатија
и бачилата зедоа.
.
Преземено од книгата: БИТОЛА БАБАМ БИТОЛА
Народни песни во кои се спомнува Битола,
собрал, предговор и речник напишал
проф. Филип Каваев
Издадена: Битола, Октомври 1969 год

top destinations enfoto galerija enmapa ennastani en

smestuvanje enrestorani picerii enturisticki enkako do bt en