СТОЈАН

Стојан еден син у мајка,
Стојан мајка додеваше:
„Мајко, сакам да ме жениш!"
Стојану мајка велеше:
„Женам те, синко Стојане,
ова година до друга,
оти е скапа година,
килото жито стотина,
ведрото вино флорина.
" Стојан на мајка велеше:
„Жени ме, али кажи ми,
оти јас ќе ти одбегнам,
баш арамија ќе одам
по Шар Планина ќе шетам.
" Стојана мајка молеше:
„Стојане, синче Стојане,
не чини се аџамија,
от' си ми јунак порастен,
дваесет и пет години,
тук' слушај си ја мајка ти:
„Да ни поминит скапија,
јас ќе те тебе оженам."
Стојан си мајка не почу,
во петок Стојан излезе
баш арамија да одит
по Шар Планина да шетат.
В сабота ми го фатија,
в Битола го однесое.
В Битола најде селани.
Стојан ги милно помоли:
„Сељани, браќа родени,
кога ќе дома одите,
вие да мајке кажите
оти се Стојан посврши,
посврши, ќе се ожени."
И што си Стојан посврши
негова мајка да знаит:
Битолска танка јасика,
прилепска долга фортома,
сватои што си поканил
битолски 'рти, загари.
Селани дома појдоа
и на мајка му казаа
Стојана го обесија.
Туку се чуди мајка му
како да појдит Битола,
да му ја зеит мршата,
баре да му ја закопат.
Селани што и рекоа:
„Не чини тамо да одиш!
Стојан си глава запусти,
ит ќе си куќа запустиш:
Како си сторил си нашол."
.
Преземено од книгата: БИТОЛА БАБАМ БИТОЛА
Народни песни во кои се спомнува Битола,
собрал, предговор и речник напишал
проф. Филип Каваев
Издадена: Битола, Октомври 1969 год

top destinations enfoto galerija enmapa ennastani en

smestuvanje enrestorani picerii enturisticki enkako do bt en