Национален парк Пелистер

Пелистерскиот масив е дел од планината Баба, во југозападна Македонија. Прогласен за национален парк во 1948 година поради природните реткости кои се среќаваат во него: моликовите шуми - реликт од терциерната флора, гранитните карпи и неговиот морфолошки релјеф, а посебно глацијалниот релјеф во алпскиот дел од планината.
Моликата е петтоигличестиот бор кој расте на само неколку делови од Балканскиот полуостров. На Пелистер се наоѓа и ендемската пелистерска качунка. Убавината на пределот ја збогатуваат и дивите животни:мечка, волк, дивокоза, елен, дива свиња, зајак, неколку видови орли, срна, еребици, црвеноклуната чавка и ендемичната македонска пелагониска пастрмка.
Посебна убавина на паркот му даваат планинските езера: Големото (на висина од 2218 м) и Малото езеро (2280 м). Високо на небото се издигаат стрмните врвови Пелистер(2601 м), Ветерница (2420м), Муза (2351 м), Ржана (2334 м) и Грива (2198м).
Националниот парк се карактеризира со многу природни феномени, со невообичаени структурни белези, специфична геолошка конструкција, несекојдневна планинска вегетација, поволни хидрографски услови, како и со специфични климатски услови кои придонесуваат за комплетирање на ова природно богатство.
Паркот се протега на површина од 1500 ha, на надморска висина од 700 до 2601 метри. За туристите посебно интересна е туристичко-рекреативната зона чии пространства спаѓаат во 2-та категорија на природни вредности со посебни природни карактеристики и убавини, што може да се користат за одмори и рекреација. Тука спаѓа зоната -"Голема Ливада" и зоната "Нижо Поле". Најголем украс на паркот се двете езера т.н. Пелистерски очи: Големо езеро и Мало езеро, кои Пелистер го прават уште повеличествен и туристички попривлечен.

Национален парк Пелистер се наоѓа на северниот дел на планината Баба (Пелистер) која е лоцирана во југо -западниот дел на Р. Македонија.

Зафаќа површина од 11,000 хектари, негова најниска точка е 890, а највисока врвот Пелистер кој се наоѓа на 2601 мнв. Јужно од врвот Пелистер, во високо планинската зона, се наоѓаат две глацијални езера - Мало Езеро (2180м.) и Големо Езеро (2218м.), познати уште како Пелистерски Очи.

pelister

Паркот е управуван од јавна установа со седиште во Битола, која вклучува технички персонал и шумарска служба. Управата на Паркот и локалните заедници им посакуваат добредојде на сите кои сакаат да уживаат во убавините на ова исклучително место, но исто така повикуваат на почитување на неговите вредности. Нивна основна задача е да им овозможат на посетителите најдобри услови за престој во природата и да им обезбедат информации за подобро разбирање на природното и културното наследство на Пелистер. Во информативниот центар, до кој лесно се доаѓа по асфалтен пат од Битола и Магарево, може да се добијат сите дополнителни информации за Паркот како брошури и мапи. Центарот е опремен со конференциска сала, сала за проекции, музејски поставки и др.

Пелистер - Национален Парк - фото галерија

ozio_gallery_nano
Ozio Gallery made with ❤ by turismo.eu/fuerteventura

Посета на Паркот

Во северните, пониски делови на Паркот, каде што доминира моликовата шума, се наоѓаат поголем број на излетнички места кои се идеални за семејни активности и прошетки. Климата на Пелистер е типично планинска и се одликува со долги и студени зими и кратки и свежи лета. Најдобар период за посета на планината е од мај до октомври. За пешачење низ Паркот пожелно е да се носат планинарски чевли, како и заштита од сонце и дожд. За подолги екскурзии препорачливо е да се понесе храна и вода. Со цел да се осигура заштитата на природата и дивиот свет, од посетителите се бара да се придржуваат до следниве правила:
Од Паркот ништо не смее да се зема ниту поместува! Без посебна дозвола од Управата на Паркот не смеат да се собираат растенија, габи, животни и камења. Ова секако подразбира и: Забранет лов и риболов!
Не оставајте отпадоци во Паркот! Кога заминувате од Паркот, земете ги со вас.
Палењето оган не е дозволено во Паркот, освен на местата определени за пикник!
Со цел да се намали човечкото влијание врз почвата, растенијата, габите и животните, пожелно е кога пешачите да се држите до обележаните патеки. Јавањето коњи е дозволено само по патеките. Возењето велосипеди во строго заштитената зона е дозволено само со претходно дозвола.
Кампувањето е забрането во строго заштитената зона.
Поради присуство на диви животни, доколку носите кучиња тие мораат да бидат врзани со ремен.
Големиот број на патеки, од кои дел се обележани, му овозможуваат на посетителот да ги открие многуте природни вредности на Пелистер и да дојде до неговите најинтересни места. Две од овие патеки се опремени со информативни табли (на македонски и англиски јазик) кои изобилуваат со информации кои се однесуваат на природните и културните вредности на локалитетот на кој се поставени:
- од пл. дом Копанки до врвот Пелистер, т.н. "Патека по камењарот" (околу 5 часа пешачење) и
- од живописното село Брајчино до Големо Езеро (околу 6 часа пешачење.)
-Третата патека е специјално прилагодена и наменета за едукација на деца a се наоѓа на потегот од детското одморалиште до локалитетот Голема Ливада.
Од селата Маловиште, Ниже Поле и Магарево исто така има патеки кои водат до Паркот и тие ги прават овие села идеални за влез во него.

Што е Национален парк?

Во повеќето држави низ светот, прогласувањето на некое подрачје за Национален парк се прави со цел да се заштитат неговите природни вредности и убавини. Пелистер не е исклучок. Пејзажот и бројните реткости, почнувајќи од балканскиот ендемит - борот молика, камените реки, цирковите и двете глацијални езера се само некои од причините поради кои оваа преубава планина е прогласена за прв Национален парк во Република Македонија уште во 1948 година.
Ова богатство, покрај тоа што претставува придобивка за околните села и градови, и е од големо значење за цела Македонија, не повикува на одговорност да го зачуваме за идните генерации како место за заштита на биолошката разновидност, научни студии, одржлив развој и рекреација.

Луѓето и природата

Во населените места кои се наоѓаат на Пелистер живеат околу 10.000 жители, додека убавото село Маловишта, со околу 120 жители, е единственото населено место во границите на Националниот парк. Благодарение на својата местоположба во Паркот, селото Маловишта има чист воздух и вода, а неговото население има можност за одржливо користење на природните ресурси во соработка со Управата на Паркот. Единствениот пејзаж и природните вредности се доволно атрактивни за посетителите, па некои од околните села последниве години во еко -туризмот наоѓаат дополнителен извор на приходи.
Како денес, така и во минатото пејзажот и вегетацијата на Пелистер биле под влијание на човековите активности. Ова особено важи за сточарството кое во летните месеци било доста застапено во високо планинската зона. Сточарството денес скоро и да не се практикува на Пелистер. Тоа и овозможува на моликовата шума да се шири со што опстанокот на пасиштата и на некои ретки високо планински видови е доведен во прашање. Потребно е да се најдат нови начини за да се урамнотежат овие динамични промени.
Бројните археолошки остатоци го докажуваат присуството на човекот на овој простор уште од каменото време. На територијата на самиот Парк се наоѓаат неколку локалитети од римско време и од среден век, како и остатоци од Првата светска војна (ровови, патишта и два целосно зачувани бункери кои се наоѓаат над пл. дом Копанки).

Природни вредности

Големата биолошка разновидност го прави Националниот парк Пелистер значаен не само за Македонија, туку и пошироко, во Европски рамки. Пространите моликови шуми, глацијалните езера и алпските пасишта се многу значајни заедници кои се од посебен интерес за заштита. Десетина растителни и животински видови се среќаваат единствено на оваа планина и претставуваат локални ендемити, додека отприлика исто толку глобално загрозени видови сеуште имаат свои популации во Паркот.
Тука се развиваат близу 1000 растителни видови, меѓу кои голем број на ретки, како што е пелистерската качунка. Собирањето на лековити растенија, габи и шумски плодови како боровинките, претставува значителен извор на приход за локалното население, кое за тоа има дозвола од управата на Паркот.
Од животинскиот свет, на Пелистер живеат околу 100 видови птици, меѓу кои и некои ретки, како црвеноклуната галка, еребицата камењарка, зелениот клукајдрвец и шумската чучурлига. Од 41 вид цицачи секако е најзначајно присуството на крупните ѕверови - мечка, рис и волк, како и на копитарите -дивокозата и еленот. Малку е познато дека, покрај овие добро познати животни, во ледничките езера живеат неколку ендемични ракчиња, а во потоците се среќава ретката пелагониска пастрмка, видови кои се многу интересни за науката.

contentmap_plugin

top destinations mkfoto galerija mkmapa mknastani mk

smestuvanje mkrestorani picerii mkturisticki mkkako do bt mk