Уметничка галерија - Јени џамија

Изградена врз темелите, сопствени и туѓи, стои моќно и непоколебливо во центарот на градот.

Скоро петстотини години ги покрива тајните на минатото и исто толку години ги слуша молитвите за иднината.

Христијанска и муслиманска, моја и твоја, заедничка... Длабоко во темелите цркви, а високо кон небото џамија.

Сино и бело во внатрешноста, сино и бело кон небото.
Кади Мехмед ефенди џамија или попозната како Јени џамија изградена е во 1558/59 година.

Јени џамија

Оваа џамија по својот изглед е една од највпечатливите и можеби највредните градби во Битола. Со својот минарет од 39 м. таа се издига високо кон небото.
Дрвените масивни порти се најдоминатниот елемент на прв поглед. Но кога тие ќе се отворат пред нас ќе се распростре една поинаква приказна. Затворениот трем ќе не пречека со својата кроткост и ќе ни прошепоти за илјадниците верници кои ги изговориле своите молитви токму тука. Втората дрвена порта со плитка резбана декорација ќе не внесе во молитвениот простор, во самата џамија. Но погледот ќе ни заигра на сино -  белите фајансни плочки. Оваа уникатна фајансна декорација е изработена од фајансни плочки каде декорациите се направени на нив наместо од нив. Секоја плочка ја надополнува претходната формирајќи волшебна флорална декорација.

 Камените делови од порталот над дрвената врата и калиграфските натписи ја раскажуваат својата приказна. Само љубопитноста не води понатаму да зачекориме и низ оваа порта, и да откриеме нова вистина. Тогаш пред нас повторно се отсликува едно друго време. Сликаната и штуко декорација зборува за времето на просперитет на Битола. Петстотини години стариот мобилијар впил илјадници молитви, чул илјадници желби. Но тие желби не се само муслимански, тие желби се и христијански, универзални.

Трепетот на гласот и молитвата водат во длабочината на душата но и во длабочината на тлото.  Во неговата внатрешност под темелите на денешната џамија се наоѓаат остатоци од три христијански цркви. Најстарата датирана пред XI век, втората од XI век и третата во периодот помеѓу XI - XIV век. Векови вткаени во живот, векови испреплетени во ново и старо, во минато и сегашност, но сето тоа во момент на сеприсутност. Сите тие испреплетени во духовниот сензибилитет на мајсторот, на уметникот и посетителот. Вдахновеноста, уметноста и духот на едно друго поинакво време отсликани во некогашните цркви, во подоцнежната џамија или во денешна современа галерија.

contentmap_plugin

top destinations mkfoto galerija mkmapa mknastani mk

smestuvanje mkrestorani picerii mkturisticki mkkako do bt mk