Детска патека на Националниот парк Пелистер

Здраво! Јас сум Мечо, најдобриот водич низ планината Баба.
Ќе ви помогнам подобро да ги запознаете убавините и богатствата на Пелистер

 detska_pateka

01 Ова е мајка ми - КАФЕАВАТА МЕЧКА. Таа е заштитен знак на Пелистер. Ако јадам доволно шумски билки и овошје ќе пораснам колку неа - 2 метри во должина и 300 kg во тежина. Ние ги сакаме ваквите мирни планини низ кои обично се шетаме ноќе. Сакаме да трчаме, да се качуваме по дрвата, а можеме и да скокаме. Во зима спијам заедно со моите родители. Се будам во пролет кога уживам во убавините на планината, заедно со моите пријатели. Ќе ве запознаам и со нив.
02 Рисот е најубавата голема мачка. Обично сака да шета сам по густите шуми каде лови глодачи и ситни чепункари. Долг е 80 -130 cm. Висок е околу 65 cm, a тежок 12-35 kg. Има убаво меко крзно, па сигурно затоа порано многу го ловеле. Сега е трајно заштитен и е забранет за лов.
03 Пелистерските ливади се приказна за себе. Преполни се со цветови, шумски плодови и насекаде мирис кој знае да опијани. Од цветовите за мене најубави се пелистерската небесна роса, пази - куќата и пелистерската качунка. Можеби затоа што ги има само тука, на нашата планина.
04
Ливадите се поубави кога над нив ќе се разлетаат ПЕПЕРУТКИТЕ кои знаат и да ве погалат со крилцата. Можете слободно да ја пратите играта на малите дневни пеперутки Scythris crupta и Scythris similis кои живеат само на Пелистер. Тука ќе ја сретните и ноќната пеперутка Hadena clara macedonica која ја има само во Македонија.
05 А ви кажав ли дека на Пелистер има и 130 видови на птици? Ова е безбедно место за живеење за еребицата камењарка, белогушестиот и скалестиот дрозд, кои можат да се видат над локалитетот Вртешка и Црвени Стени. Над моликовите шуми можете да го следите летот на златниот орел, а ако одите до Големото и Малото Езеро ќе ја најдете и црвеноклуната галка која се гнезди во нивна близина. Ја има само овде, па затоа не заборавајте го вашиот фотоапарат.
06 А знаете ли кој е најзаслужен за статусот Национален парк на Пелистер? МОЛИКАТА - петтоигличестиот бор кој го откри австрискиот ботаничар August Grizebah во 1839 година. Неа ја има и на други места на Балканот, ама тука формира најпространа шума. Шетајќи низ шумите можете да наидете и на стебла кои се стари повеќе од 230 години.
07 Домаќин на пелистерските шуми и ливади е СРНАТА. Како во приказните - таа е нежна, грациозна, со прекрасни големи очи. Доста е плашлива и брза, па ако забележи дека има некој во нејзина близина веднаш ќе избега. Може да порасне до 1,30 m во должина, а тешка е од 20 - 25 kg. Бојата на крзното и се менува, зависно од годишното време. Срната е грижлива мајка. Кога ќе насети опасност го опоменува своето малечко со тропање на нозете или со тивок пискав глас.
08 Во високите делови на Пелистер се среќава балканската ДИВОКОЗА. Едно многу друштвено животно кое живее во стадо. Дење се движи, а ноќе мирува. Вешто се качува по карпите, скока, брзо трча и по најстрмните делови на планината. Може да порасне до 1,10 m во должина. Роговите и се долги околу 25 cm. вo лето ги пасе најубавите, најсочните тревки, а во зима храна и е сувата трева која ѕирка низ снегот, мовот и лишаите.
09 Националниот парк „ Пелистер" има извонредно богата флора. Или ако сакате да зборувам со бројки, тука има регистрирано 1034 видови растенија, 61 лишај 19 видови мовови и 264 видови на габи од кои 10 се заштитени на европско ниво. Посебно интересни се моликовите заедници во кои се регистрирани ретки видови на микоризни габи. Најпознати меѓу нив се: Suillus sibiricus, Chroogom-mpnus helvetikus, Boletus pinocola и други.


Мали авантуристи! Детската патека е вистинска можност за запознавање на природата преку забава и рекреација.
Пелистер е вистинско место, да стекнете култура на здраво живеење. Бидете дел од природата.

top destinations mkfoto galerija mkmapa mknastani mk

smestuvanje mkrestorani picerii mkturisticki mkkako do bt mk