Бугарски Конзулат

Бугарски Конзулат
Бугарската држава со Одлуките на Берлинскиот Конгрес (1878) год., и неколку месеци пред тоа, со Санстефанскиот мировен договор е создадено Бугарско автономно кнежество, немала право да отвора свои дипломатски претставништва. Затоа такви ингеренции им давала на трговските агенства се до 1908 год. Тоа е период кога Бугарија добила независност. За прв пат Бугарското Кнежество во Битола отворило трговско агенство во 1897 год. Прв човек во агенството бил Г. Стојчев, кој на таа должност останал се до 1899 год. Иако бугарското претставништво го носело името трговско агенство, тоа како и грчкото и српското дипломатско претставништво, се оддало на својата големо бугарска кауза да им се вреже во главите на Македонецот дека “сме с шти народ со Бугарите”, а дека Македонија е само географски поим. Агенството правело големи усилби да го врховизира и раководството на внатрешната револуционерна организација на Македонија.
По Стојчев, со бугарското агенство во Битола, раководи П. Михајлов (1900-1902) год. Потоа на негово место доаѓа докторот Кулишов, кој на таа должност останал половина година, за да биде заменет од Д-р. Б. Башков и речиси сите останувале за кратко време заради незадоволството на бугарската влада од нивната неумешност да ја спроведат особено познатата политика на бугарската влада кон Македонското прашање.
Со доаѓањето на прв човек на бугарското трговско агенство на Д-р. Андреј Ташев состојбите во агенството како да се стабилизираа. На таа должност бил од крајот на 1903 год. се до крајот на 1905 год. Тој особено се интересирал за постраданото население во Илинденското востание. Во текот на 1906-1907 год., се до почетокот на 1908 год., со бугарското трговско друштво раководи Живко Добрев, кој по заминувањето во бугарската амбасада во Лондон, заменет е со Нетков.
Во 1908 год., Бугарското Кнежество се здоби со целосна независност, од кога, трговското агенсто во Битола, било подигнато во ранг на конзуларно дипломатско претставништво.
Зградата денес, некогаш Бугарски конзулат
ул. Јорго Османо бр. 20
Објектот е изграден во почетокот на 20 век и се до 1920 год. се користи како резиденција на Бугарскиот конзулат.
Според своите стилски карактеристики претставува еклектична градба со неокласични стилски обележја, во смисол на расчленување на фасадите, обликот на отворите и профилацијата околу нив.

Бугарската држава со Одлуките на Берлинскиот Конгрес (1878) год., и неколку месеци пред тоа, со Санстефанскиот мировен договор е создадено Бугарско автономно кнежество, немала право да отвора свои дипломатски претставништва. Затоа такви ингеренции им давала на трговските агенства се до 1908 год.

Повеќе...

Романски Конзулат

Така уште од средината на 19 век, познатиот романски писател публицист и политички деец Димитрие Болинтанеау при посетата на Битола ја застапувал тезата дека Власите од Македонија се дел од Романскиот народ. Меѓутоа Романија е меѓу последните држави што побарала право од Турција, во 1895 год., да отвори дипломатско претставништво во Битола.
Првиот претставник на романското дипломатско претставништво во Битола бил конзулот Константинеску. За време на Илинденското востание, на чело на Романскиот конзулат бил дипломатот Падеану, а наредната 1904 год., должноста Конзул ја извршувал Александар Емануел Лаховари. Во 1905 год., на чело на Романскиот конзулат бил Конзулот Концеску, кој меѓувремено бил унапреден во Генерален конзул, во 1907 год. Како Генерален конзул во Битола е конзулот Пенуеско, кој останал до јули истата година, кога заминал за Генерален конзул во Солун. Заменет е со Конзулот Константин Барлеану, кој пред тоа бил Конзул во Јанина.
14 Зградата денес, некогашниот Романски конзулат
ул. Београдска бр. бб
Објектот е од типот на јавни објекти. Архитектонски е решен со визба, приземје и кат. Бил изграден за румунско училиште, а покасно бил даден за користење на Романски конзулат.
Монументалност на објектот му даваат дводелните мермерни скали уоквирени со дорски столбови и тимпанон над сите.

Главна и основна цел на Романската пропагандна дејност била да го придобијат влашкото население, односно да го оттргнат од патријаршиското и грчкото влијание.

Повеќе...

Италијански Конзулат

Италијански Конзулат
Италија, во 70 години од 19 век, водеше свои војни имаше свои проблеми заради свое обединување. И заради тоа, таа немаше изградено свој став и своја стратегија кон источното прашање, односно кон Балканот и Македонија.
Тоа се случува во последната деценија од 19 век, кога Италија е привлечена со изградбата на патни, рударски и други економски потенцијали, а особено со започнувањето на изградбата на железничката линија Солун - Битола во 1894 год. Тука Италијанското кралство вработува преку 1500 како рудари, ѕидари, надничари и други занимања. Всушност Италијанската влада во овој период покажува интерес за отворање на Конзулат во Битола. Поточно на 7 февруари 1895 год., Италијанската влада носи декрет за отворање на конзуларно претставништво во Битола, што се остварува на 08.04.1895 год. со првиот италијански конзул Ѓузепе Росет. Интересен е фактот, дека Италија, меѓу последните отворила конзулат во Битола, но таа е и од последните што го затворила. Италијанскиот конзулат во Битола, ја прекина својата работа во 1945 год., кога последен конзул бил Аугусто Кастелани.
Зградата која некогаш била Италијански конзулат
Во периодот од поставувањето на Италијанскиот конзулат во Битола со извесни прекини од 1918-1927 год., во Битола престојувале 22 Вице конзули или Конзули.
13 Зградата денес, а некогаш Италијански конзулат
ул. Солунска бр. 226
Објектот е граден при крајот на 19 век и почетокот на 20 век. Според архитектонските карактеристики припаѓа на стилот, еклектична градба со неокласични елементи (тимпанони, капители и сл.). Северната и источната фасада, исполнети се со симетрично распоредени отвори, со тимпанони над прозорците на катот, со богата профилација, што се случува и околу прозорските венци. Концепциски е решен со визба, приземје и кат. Катот со визбата е одделен со меѓукатен венец, а истото е направено и меѓу првиот и вториот кат како и кровниот венец кој е богато профилиран.

Италија, во 70 години од 19 век, водеше свои војни имаше свои проблеми заради свое обединување. И заради тоа, таа немаше изградено свој став и своја стратегија кон источното прашање, односно кон Балканот и Македонија.

Повеќе...

Српски Конзулат

Српски Конзулат
Аспирациите на соседните балкански држави кон Македонија се вкрстосувале за нејзино освојување целосно или делови од неа. Така и српската држава за реализирање на своите освојувачки аспирации, започнала со националистичка пропаганда, при што посебна улога им била дадена на нивните дипломатски претставништва што ги отворила во Македонија. Веќе во 1887 год. била потпишана Конзуларна конвенција помеѓу Србија и Отоманската држава, според која Србија добила право да отвори свои конзулати во Солун, Скопје и Битола. Првиот српски конзуларен претставник во Битола бил Димитрија Боди кој на должност стапил 1888 год. Прва задача на српската пропаганда била да се формираат општини кои ќе се борат за отворање на српски училишта, бидејќи Србија прилично заостанувала од Грција и Бугарија по тоа прашање. Поради стремежот за освојување на терен, сфери на влијание помеѓу конзулите од соседните Балкански земји се водела беспоштедна борба, но често имало и џентлменски спогодби. Така на пример карактеристичен е договорот помеѓу грчкиот конзул А. Пезас и српскиот М. Ристиќ, според кој грчкото влијание да не продира северно од Прилеп и Крушево, а српската пропаганда, јужно од Битола, а бугарската страна била прогласена за заеднички непријател. Во 1895 год. со српскиот конзулат раководел Милојко М. Веселиновиќ, а во наредната 1896 год., М. М. Василевиќ. Во годините пред Илинденското востание Михајло Г. Ристиќ со своите извештаи до своите претпоставени во Белград давал исцрпни податоци за Илинденското востание од повеќе реони во Битолскиот револуционерен округ. По заминувањето на Ристиќ од декември 1903 год., за нов конзул во Битола бил назначен Светозар Станоевиќ кој на таа должност останал до крајот на 1906 год.
Српскиот конзул Милојко Веселиновиќ, 1897 год.
По отповикот на Станоевиќ од 1907 год. до 1908 год., српските интереси ги застапувал Вице конзулот Сава Томиќ, а од Февруари 1908 год. должноста му ја предал на конзулот Љубомир Михајловиќ. До 1912 год., се вршат тајни спогодби помеѓу Бугарија, Грција и Србија за војна против Турција и во тоа меѓусебно договарање значајно место имал и српскиот конзул во Битола.
Зградата денес, а некогаш Српски конзулат
ул. Кирил и Методиј бр. 18
Објектот е изграден при крајот на 19 век и е решен со визба, приземје и кат. Расчленетоста на ѕидните маси е постигната со поластри, венци и симетрично поставени прозорски отвори.

Аспирациите на соседните балкански држави кон Македонија се вкрстосувале за нејзино освојување целосно или делови од неа. Така и српската држава за реализирање на своите освојувачки аспирации, започнала со националистичка пропаганда, при што посебна улога им била дадена на нивните дипломатски претставништва што ги отворила во Македонија.

Повеќе...

Руски Конзулат

Руски Конзулат
Влијанието на Русија на Балканскиот полуостров, отсекогаш било една од приоритетните цели на нејзината надворешна политика. Тоа влијание постојано се зголемувало особено во втората половина на 19 век и се судрувало со интересите на слични аспирации и стремежи на Австро-Унгарија. Со цел непосредно да ги следи настаните во овој дел на Турција, руската влада издејствувала од Османлиската држава право за отворање на дипломатски претставништва во поголемите градови на вилаетите во Македонија. Така за прв руски конзул во Битола бил назначен способниот и угледен дипломат Михаил Александровиќ Хитрово во (1837-1896) во 1860 год., меѓутоа дипломатската активност ја започнал во март идната 1861 год.
Доаѓањето на дипломатски претставник на една голема словенска држава силно се одразило во свеста кај народот гледајќи во Русија како на земја што ќе ги застапува и штити нивните интереси пред високата порта. Навистина кога пристигнал во Битола, бил пречекан со голема радост од месното словенско население, што самиот тој, тоа му го соопштува на Рускиот амбасадор во Цариград. “На секаде ме пречекуваа со радост и слушнав дека одамна и со нетрпение чекале Руски конзул.”
И навистина М. Хитрово сесрдно се залагал пред турските власти во одбрана на христијанското население од насилствата и направдата што им ги нанесувала корумпираната власт. Тој исто така за своето четири годишно службување до 1864 год., во Битола оставил драгоцени историски податоци за Битолскиот вилает. По Хитрово за руски дипломатски претставник бил назначен Н. Ф. Јакубовски, за кого е познато дека издејствувал кај руската влада стипендија за Царева Миладинова, ќерка на К. Миладинов, да се школува во Русија.
За време на Источната криза (1875-81) год., со руското дипломатско претставништво во Битола раководел В. Максимов, а во 1880 год. го заменил Вице конзулот Неага, кој исто така е познат со драгоцените извештаи до своите претпоставени за состојбите во Битолскиот вилает.
Во судбоносните настани за Македонскиот народ и неговата ослободителна борба, руски дипломатски претставник од 1895 до 1903 год., во Битола бил Александар Аркадиевич Ростковски. Неговото име е доста често споменувано во македонската историографија. И покрај некои слабости во карактерот на конзулот што се коселе со поимот дипломатски претставник, меѓу дипломатите во Битола бил познат по своите постојани контакти со обесправеното македонско население во Битолскиот вилает во заштита пред турските власти. Тој особено се интересирал за револуционерната организација со која воспоставил такви силни врски што му ја олеснувале задачата да ја запознае вистинската положба во битолскиот вилает речиси во подробности. Ростковски ефикасно интервенирал пред локалните турски власти и отворено го заштитувал Македонското население.
Рускиот конзул А.А. Ростоковски
Во семејството на А.А.Ростковски како воспитувач на неговите деца работел Крсте Петков Мисирков.
Во почетокот на Илинденското востание на 8 август 1903 год., А. Ростковски паднал како жртва, колку на својата надменост, толку и на турскиот фанатизам. Тој беше убиен од турски стражар по кратка препирка во влезот на градот (денес Ловџиски дом) во Битола.
Зградата денес, некогашниот Руски конзулат
ул. Ленинова бр. 22
Објектот е изграден во 1905 год., и со своите архитектонско-естетски карактеристики представува еден од најизразитите типови на академизам во Битолската градска куќа на 19 и почетокот на 20 век, кај кого се јасни пред се влијанијата на неоренесансата и неокласицизмот изразени во расчленувањето на фасадната маса, распоредот на отворите, украсите околу истите, како и односот на модулите по хоризонтала и вертикала.

Влијанието на Русија на Балканскиот полуостров, отсекогаш било една од приоритетните цели на нејзината надворешна политика. Тоа влијание постојано се зголемувало особено во втората половина на 19 век и се судрувало со интересите на слични аспирации и стремежи на Австро-Унгарија.

Повеќе...

Грчки Конзулат

Грчки Конзулат
Во редот на земјите кои покажувале особен интерес за воспоставување на дипломатско претставништво во Македонија била и грчката држава. Додека големите Европски држави тоа го правеле од економски, политички и стратешки интерес, Грција сакала да се оствари нејзиниот толку посакуван “Мегали идеја” односно проширување на нејзината територија кон Македонија и претворање на целокупното население во Грци. Според тоа логично било да се очекува Грција, како единствена независна држава на Балканот, да пројави интерес за отворање на свои дипломатски претставништва во Османлиската држава. Таков бил случајот во Битола, во која немало Грци, туку релативно поголема влашка заедница, од која повеќе влијателни личности ја поддржувале или се приопштувале кон големо грчката пропаганда. Решение за отворање на грчки конзулат во Битола, било донесено уште во 1853 год., но веројатно заради избувнувањето на Кримската војна истата година и прекинувањето на дипломатските односи помеѓу Османлиското царство и Грчкото Кралство, тоа не им се остварило. По нормализирањето на нивните односи Грција добила можност да ја оствари својата поранешна одлука. Така во 1859 год. бил отворен грчкиот Вице конзулат на чие чело бил искусниот дипломат Герасимос Валијанос. Во 1863 год. прераснува во Конзулат. Со ова започнува организираното делување на грчката дипломатија во овој регион, најчесто со пропаганден карактер, реализиран преку свои здруженија во Битола, а секако во соработка со битолската патријаршиска Митрополија. Во 1865 год., нов Грчки конзул станал Вангелиос Антипас, по професија лекар од Кефалонија. Тој особено се ангажирал во попречувањето на отворањето на училишта на народен јазик во Битола. Влијанието на грчкиот конзул и прогрчките елементи во Битола се повеќе се засилувале, а грчката пропаганда се повеќе земала замав, за која цел грчкото кралство одвојувало големи финансиски средства. Меѓу конзулите што раководеле со грчкиот конзулат во Битола, освен двата споменати продефилираа: Ѓорѓиос Донас, Костадинос Панурје, Н. Фондание, К. Вецос, К. Пезос и др.
По Илинденското востание, пропагандите на соседните држави во Македонија се манифестираат со уфрлување на вооружени чети во што предначи грчката вооружена пропаганда преку андартските чети, кои најчесто ги практикувале убиствата, присилата и теророт, со осмислен асимилаторски притисок врз македонското население. Со сето ова грчкиот конзулат во Битола, станува штаб за организирање и раководење на грчката воена интервенција во Македонија.
Војводата Степа Степановиќ, излегува од Грчкиот Конзулат во Битола, 1912 г
Зградата денес, некогашниот Грчки конзулат
ул. Кирил и Методиј бр. 6-б
Објектот е изграден во 1903 год. како сопственост на црквата Св. Димитрија, а веднаш потоа бил даден под наем на грчкиот конзулат кој го користел се до 1912 год.
Објектот е граден под влијание на архитектонските стилови во Западна Европа при крајот на 19 век со елементи на барокна и класицистична декорација. Монументален изглед на објектот му дава влезната партија составена од надворешни скали и два балкони. Фасадата е богато декорирана со дорски канелирани столбови на скалите и балконската партија, балустрадното решение на балконите, огради со керамопластични украси, лента со брановидна линија пластично изведена под кровниот кордонски венец.

Во редот на земјите кои покажувале особен интерес за воспоставување на дипломатско претставништво во Македонија била и грчката држава. Додека големите Европски држави тоа го правеле од економски, политички и стратешки интерес, Грција сакала да се оствари нејзиниот толку посакуван “Мегали идеја” односно проширување на нејзината територија кон Македонија и претворање на целокупното население во Грци.

Повеќе...

Француски Конзулат

Француски Конзулат
Француското конзуларно претставништво во Битола било отворено во 1854 год. Дипломатски претставник во својство на Вице конзул бил дипломатот Белан. Во 1856 год. со француското дипломатско претставништво раководел Вице конзулот Белег де Буга.
Франција како една од водечките колонијални држави имала огромен број на дипломатски и воено стратегиски претставништва низ целиот свет. Но, и покрај нејзина голема економска моќ и за неа издржувањето на толку голем број на дипломатски претставништва претставувало голем товар, па затоа била принудена извесен број да редуцира. Од таа причина кон крајот на 50 години на 19 век, Франција го затворила конзуларното претставништво во Битола. Со засилувањето на странските пропаганди во Македонија и нивната дејност преку разни црковни религиозни здруженија и просветно културни установи и здруженија, силен замав зема и католичката пропаганда, особено преку сектата на Лазаристите. Токму тоа довело и до повторно отворање на Француското дипломатско претставништво, односно на конзулатот во Битола во 1895 год. Што значи ако во почетокот, странските дипломатски претставништва беа отворени од економски интереси тие постепено добивале политички интереси за зголемување на своето влијание во овој дел на Балканот. Во периодот пред и за време на Илинденското востание Француски Вице конзул во Битола бил Макс Шублие. Тој во своите извештаи до своите претпоставени давал драгоцени и исцрпни извештаи со кои ја отсликувал вистинската ситуација во Битолскиот вилает. Со тоа француската јавност целосно била запознаена со положбата и настаните во Македонија, поради кое многу видни личности од Франција организирале митинзи и протесни собири со цел да се дејствува кај француската влада да преземе соодветни мерки за подобрување на положбата на Македонскиот народ, а воедно преку разни организации и здруженија била испратена помош за настраданото население од последиците на Илинденското востание. Непосредно пред Илинденското востание местото на француското дипломатско претставништво во Битола го зазел Вице конзулот Еуген Готие и на таа должност останал до половината на 1907 год., кој меѓувремено бил унапреден во ранг на Конзул. Кога Готие бил повлечен во министерството за надворешни работи на негово место бил назначен Ален Алфонс Џулио кој на таа должност останал до Балканските војни.
Зградата која некогаш била Француски конзулат
Зградата денес, некогашниот Француски конзулат
ул. Кирил и Методиј бр. 6
Објектот е изграден во 1903 год., како сопственост на црквата Св. Димитрија. Од истиот период се користи како административен објект.
Архитектонската концепција на објектот е синтеза помеѓу станбена зграда и објект од јавен карактер. По своите стилски карактеристики, објектот претставува пример на чист француски неокласичен стил во архитектурата од 19 век. Јужната фасада на објектот е решена со чисти класични форми со канелирани дорски столбови и балкон на катот во вид на колонада при што се формира отворена галерија. Фасадата е богато декорирана со профилација околу прозорите како и употреба на керамопластични украси во вид на розети над отворената галерија.
Објектот претставува еден од најубавите примероци на неокласицизмот кај нас.

Француското конзуларно претставништво во Битола било отворено во 1854 год. Дипломатски претставник во својство на Вице конзул бил дипломатот Белан. Во 1856 год. со француското дипломатско претставништво раководел Вице конзулот Белег де Буга.

Повеќе...

Австриски Конзулат

Австриски Конзулат
Австрија заедно со Велика Британија се првите држави што отворија дипломатско конзуларно претставништво во 21.XI.1851 год. во Битола. Првиот дипломатски претставник на Австрија (од 1868 год. Австро Унгарија) во Битола бил Фридрих Ритер Маер. До крајот на 50 години се смениле повеќе конзули и Вице конзули како: Атанацковиќ, Вестер Маер, Вулетиќ, Франц Ритер Саретиќи др. Иако немаме информации за Австро-унгарските конзули во Битола за периодот помеѓу 60-90 години, на 19 век, се забележува фактот што тие често се менувале.
Од 1890 -1892 год., дипломатски претставник на Австро Унгарија во Битола бил Вице конзулот Пагачер. За време на бурните настани, пред и по Илинденското востание бил конзулот Август Крал. Тој заедно со рускиот конзул Александар Ростковски според Крсте Петков Мисирков биле најдобро информирани за настаните во Битолскиот вилает. Покрај тоа Аугусто Крал во своите извештаи до своите претпоставени давал драгоцени податоци за политичките, економските, трговските, културните, просветните, етнографските, статистичките и други прилики во Вилаетот, што претставуваат драгоцен материјал за историјата на Македонскиот народ. Честата промена на дипломатските претставници на Австро Унгарија во Битола, продолжило и по Илинденскиот период. Така од јануари 1905 год. до декември 1908 год., се смениле повеќе конзули или Вице конзули, од кои некои биле поставувани и по втор пат. Така во тој временски период од четири години, продефилирале на чело на дипломатските претставништва дипломатите: Оскар Прохаска, Пархер, Др. Ранци, Рихард Опенхајмер, Јехличка, Посваи и Тахи.
Австро Унгарија, имала многу важни и значајни економски и политички интереси, па така преку своите дипломатски претставници во Македонија со успех ги остварувале, не дозволувајќи силно да се инкорпорира руската политика на Балканот како и онаа на соседните балкански монархии.
Зградата денес а некогаш Австриски конзулат
ул. Маршал Тито бр. 37
Објектот е изграден во втората половина на 19 век, како приватна сопственост на Битолскиот рентиер Икономов, кој објек-тот го издавал под наем. На тој начин Австро-Унгарија го изнајмила за свое конзулско седиште во Битола. Во 1912 год. па се до 80 години служи како станбен објект, од кого се пренаменува во трговски и угостителски познат под името “Магнолија”. (името го добива по дрвото магнолија кое се наоѓаше пред самиот влез на објектот). Со својот архитектонски изглед делува монументално, а пропорционалноста на ѕидната маса на јужната фасада е постигната со симет-рично распоредените прозорски отвори, оквирени со мермерни тесаници и лачно засводените отвори во пордумите. Општата концепција на објектот го приближува до медитеранската архитектура.

Австрија заедно со Велика Британија се првите држави што отворија дипломатско конзуларно претставништво во 21.XI.1851 год. во Битола. Првиот дипломатски претставник на Австрија (од 1868 год. Австро Унгарија) во Битола бил Фридрих Ритер Маер.

Повеќе...

Англиски Конзулат

Англиски Конзулат
Во официјалниот преглед на британските дипломатски конзуларни претставништва во Отоманската империја во Форин Офис, стои дека британски конзуларен претставник во Манастир (Битола) од 28 октомври 1851 год. бил Џон Аугуст Лангфорд (J.A. Longworth) и воедно е прв конзул на една странска земја во Битола. Кралството Велика Британија како голема империјална сила била заинтересирана за инвестирање во турската империја. Така Македонија како интересно подрачје станала предмет за Велика Британија, која отвора повеќе конзуларни претставништва во разни градови во Македонија. Во еден официјален преглед на британските дипломатски претставници во Македонија од 1855 год., се вели дека В. Британија ги имала конзуларните претставништва во: Солун - Генерален конзул, Битола - Вице конзул, Кавала - Вице конзул, Серез - Вице конзул и во Драма - Вице конзул.
Грбот на Англискиот Вице конзул
Во своите претставништва во Османлиската империја, односно во Македонија, Велика Британија имала способни и умешни дипломати кои успешно ги извршувале поверените им мисии. Извештаите на конзуларните претставници во Битола биле од најразличен вид: трговија, увоз - извоз, земјоделие, за положбата на христијанското население, за насилствата, грабежите, црковните прашања, школството, пропагандата и др. Особено од посебно значење се извештаите во предилинденскиот период на Вице конзулот Џемс Мак Грегор во Битола. Во своите извештаи до своите претпоставени во тој период ги дава сите оние карактеристични моменти што довеле до револуционерната активност на Македонскиот народ и до неговата сплотеност кон Внатрешната револуционерна организација. Во извештаите од првите денови на востанието Вице конзулот Мак Грегор зборува за првите востанички акции во поблиската околина на Битола, а потоа и за заземањето на Крушево со доста подробности за случувањата таму. Сите понатамошни извештаи се однесувале за дејствата на востаниците, нивната структура, акциите во другите околии, во Битолскиот вилает како и за турската контраофанзива, за жестокоста и масакрите, палежите на селата и слично што го правел турскиот аскер и башибозукот, како и за последиците од востанието. Во секој случај извештите за текот на Илинденското востание во Битолскиот револуционерен округ ја потврдува вонредната важност на тие извештаи, за проучување на овој вонредно значаен период за македонската историја.
По Џемс Мак Грегор, до 1912 год., се смениле уште неколку конзулски претставници во Битола како Вице конзулот Јанг, во 1905 год., потоа во 1906-1907 год. Вице конзулот И. Х. Монахан, а него го заменил Ј.В. Хејткот и пред Балканските војни Вице конзул бил Тоулмин, кој оставил информации за зближување на балканските држави кои се подготвувале за војна против Турција.
Зградата денес која некогаш била Англиски конзулат

Во официјалниот преглед на британските дипломатски конзуларни претставништва во Отоманската империја во Форин Офис, стои дека британски конзуларен претставник во Манастир (Битола) од 28 октомври 1851 год. бил Џон Аугуст Лангфорд (J.A. Longworth) и воедно е прв конзул на една странска земја во Битола.

Повеќе...

Вовед

Вовед
Во историјата на Битола, втората половина на 19 век, значајно место зазема таканаречениот период на странски дипломатски претставништва или популарно речено Конзулски период.
Главна и основна задача на дипломатските претставништва им била да ги застапуваат економските, политичките и стратешките интереси на своите земји, а не дека ги болело глава за интересите на месното население во Отоманската империја.
Отворањето на дипломатски конзуларни претставништва во Битола и пошироко во Македонија било поврзано со ставот да се продира кон исток, особено на големите западни сили, каде се вкрстосувале противречните, економски, политичките и воено стратешките интереси. Токму во тоа чувствително подрачје значајно место имала Македонија.
Валијата на Битола со конзулите
По создавањето на национални држави на Балканскиот Полуостров (Грција, Србија, Бугарија) и кај нив се јави интересот за Македонија за отворање на свои дипломатски претставништва. Меѓутоа нивниот интерес кон Македонија бил од сосема друга природа. Преку своите пропагандни машинерии имаа големи апетити, Македонија да ја вклопат во нивните замислени големи држави. Директната замешаност на конзулските претставништва во пропагандните активности се потврдува преку нивните бројни извештаи што ги праќале до нивните претпоставени. Тие располагале со огромни финансиски средства, особено конзулатите на соседните држави иако сиромашни, со цел да финансираат разни организации и здруженија преку кои ги ширеле и зајакнувале своите денационализаторски и големодржавнички аспирации. Се разбира дека постоеле генерални разлики меѓу пропагандите на големите сили и оние на соседните држави. Првите со своите стремежи беа концентрирани со сфери и влијанија на економски и стратешки план, а вторите врз денационализација и поделба. Првите биле меки, дискретни и дипломатски, вторите отворени, груби и често сурови и насилни.
И покрај тоа, присуството на конзулите во Битола, силно се одразило во економскиот и културниот живот кај населението.
Дипломатскиот кор на Битола, со чуварите (ѓавазите)
Ваквите брзи промени во економскиот, политичкиот, културниот живот несомнено носат промени во начинот на живеење, во начинот на мислење кај месното население. Богатите христијански фамилии угледувајќи се на европските држави развиваат жива трговија, градат велелепни објекти, просветни установи и сл., со што допринесуваат Битола од ориентален град да наликува на европските градови. Таквите врски ги одржуваа познатите фамилии од Битола: Данабаш, Анастасиевиќ, Икономов, Каринте, Робе, Ризови, Светиеви, Герас и многу други, кои се носители на европското влијание во начинот на живеење, облекување, однесување. Се напушта традиционалната ориентална облека и се заменува со европски стил на облекување. Тоа посебно се гледа во изгледот на градовите, куќите, покуќнината каде засилено доминираат европските стилови и кај луѓето кои потполно се ориентирани кон европската култура.
Битола од втората половина на 19 век, па се до првата деценија на 20 век. (период на присуство на дипломатски претставништва) одржува силни економски врски со Лондон, Лајпциг, Виена, Белград, Букурешт, Софија, Драч, Цариград, Александрија и др.
Во секој случај присуството на странските дипломатски претставништва во Битола, без сомнение значело присуство на Европа во Битола.
Традицијата на отворање на дипломатски конзуларни претставништва и денес продолжува во Битола со отворање на почесни конзулати. Така денес во Битола, почесни конзулати имаат Франција, Турција, Велика Британија, Русија, Словенија, Романија, Србија, Црна гора, Хрватска, Бугарија и Грција, со најави и на други држави.
Автор: Никола Миновски
НУ Завод и Музеј - Битола
2002 г.

Во историјата на Битола, втората половина на 19 век, значајно место зазема таканаречениот период на странски дипломатски претставништва или популарно речено Конзулски период.

Главна и основна задача на дипломатските претставништва им била да ги застапуваат економските, политичките и стратешките интереси на своите земји, а не дека ги болело глава за интересите на месното население во Отоманската империја.

Повеќе...

top destinations mkfoto galerija mkmapa mknastani mk

smestuvanje mkrestorani picerii mkturisticki mkkako do bt mk